Поранешниот рудар Грант Џонсон успеал да го претвори својот необичен сон во реалност, создавајќи луксузен дом во пештера од околу 530 квадратни метри, кој денес го изнајмува за околу 1.000 долари од ноќ.
Џонсон, кој со години работел како рудар на ураниум, уште од младоста сонувал да живее далеку од градската врева и цивилизацијата. Откако на 17 години бил принуден да го напушти родителскиот дом, се преселил во Моаб, Јута, каде започнал самостоен живот и работел во повеќе рудници.
Неколку години подоцна купил 40 хектари земјиште и дошол до необична идеја – да изгради куќа внатре во карпа.

Иако многумина го убедувале дека залудно троши време и пари, тој не се откажал. Во период од осум години, користејќи динамит и рачна обработка, ја проширувал пештерата и ги обликувал внатрешните простории според сопствената визија.
„Од првата експлозија знаев дека тоа е она што сакам да го правам“, раскажува Џонсон.
Денес неговата пештера нуди модерен и удобен простор за престој, а посетителите плаќаат околу 1.000 долари за ноќевање, додека изнајмување на една соба чини околу 350 долари.

Освен што живее во непосредна близина на природата, Џонсон произведува и дел од сопствената храна и вели дека токму ваквиот начин на живот му донел мир и чувство на слобода.
„Го најдов она што отсекогаш го барав од животот“, вели тој.










