ПРВ.мк
Свет

ЕУ во ќорсокак – поделби околу капиталните пазари ја кочат интеграцијата!

ЕУ во ќорсокак – поделби околу капиталните пазари ја кочат интеграцијата!

Европската Унија повторно се соочува со длабоки поделби – овојпат околу идејата за усогласување на правилата за надзор на капиталните пазари. И покрај засилените напори на Брисел да го забрза процесот на интеграција, државите членки остануваат резервирани за пренесување на националните надлежности на ниво на ЕУ.

Целта на Европската комисија е јасна: создавање единствен европски пазар на капитал кој ќе овозможи слободно движење на инвестиции и финансиски средства без административни бариери. За таа цел предложени се поголеми овластувања за Европската агенција за хартии од вредност и пазари (ESMA), која би имала централизирана улога во надзорот. Но, разговорите меѓу министрите за финансии во Брисел не донесоа значаен напредок, иако се очекуваше договор до јуни.

ЕУ сака да ја зајакне својата конкурентност и да ја намали зависноста од САД и Кина, но фрагментираниот систем на национални регулативи ја кочи интеграцијата. Податоците на ММФ покажуваат дека внатрешните бариери во единствениот пазар се еквивалентни на тарифи од 44% за стоки и дури 110% за услуги.

Дополнително, разликата со САД е огромна – пазарната капитализација на берзите во ЕУ во 2024 година изнесувала 73% од БДП, додека во САД достигнува околу 270%. Експертите предупредуваат дека продолжената институционална поделба може да го забави економскиот раст и да ја намали способноста на ЕУ да се натпреварува со глобалните сили.