Данска за првпат во својата модерна историја распореди регрути во Гренланд, автономна територија во рамките на Кралството Данска, соопшти данското Министерство за одбрана.
Првата група припадници на пешадискиот полк „Шлезвиг“ пристигнала во главниот град Нуук на почетокот на август, по што војниците биле распоредени на повеќе локации во Кангерлусуак.
Тие учествуваат во воената вежба „Арктичка издржливост“, при што за првпат регрути добиле и оперативни задачи во рамките на активностите во Гренланд.
Станува збор за војници кои се меѓу првите што го отслужуваат новиот, продолжен воен рок од 11 месеци.
Од данското Министерство за одбрана најавуваат дека военото присуство на Арктикот и Северниот Атлантик дополнително ќе се зголемува до крајот на годината.
Во активностите ќе бидат вклучени и сојузници од НАТО, а во и околу Гренланд во наредниот период се очекува зголемено присуство на војници, воени авиони и бродови.
Потегот доаѓа во период кога Арктикот има сè поголемо стратешко и безбедносно значење, а Данска најавува дополнително зајакнување на своите воени капацитети во регионот.








