ПРВ.мк
Свет

Невреме како од филм: Над 15.000 молњи, поплави и повредени – еве која земја ја погоди невремето

Невреме како од филм: Над 15.000 молњи, поплави и повредени – еве која земја ја погоди невремето

Силно невреме проследено со силен ветер, обилни врнежи и грмежи предизвика хаос во швајцарскиот град Цирих, каде неколку лица биле повредени, меѓу нив и 16-годишно девојче кое се здобило со тешки повреди откако врз неа паднала голема гранка.

Според локалните служби за спасување, девојчето веднаш било пренесено во болница во критична состојба, каде лекарите се бореле за нејзино стабилизирање. Во западниот дел на градот уште шест лица се здобиле со полесни повреди поради паднати дрвја и гранки.

Олујата го зафатила Цирих во вечерните часови и траела речиси два часа. Силниот ветер корнел дрвја, носел разни предмети низ улиците и предизвикал поплави во повеќе населби. Едно лице морало да биде спасувано од објект во кој водата брзо навлегла и го поплавила приземјето.

Невремето предизвикало сериозни проблеми и во јавниот превоз. Дел од трамвајските и автобуски линии биле прекинати поради паднати дрвја и оштетена електрична инфраструктура.

Градските служби примиле стотици повици од граѓани за поплавени подруми, блокирани улици, опасни електрични кабли и оштетени објекти. Само во Цирих биле регистрирани десетици случаи на урнати дрвја, додека пожарникарите и спасувачите интервенирале стотици пати низ кантонот.

Според метеоролозите, невремето било дел од поширок бран силни грмотевични бури што ја зафатиле Швајцарија, при што биле регистрирани повеќе од 15.000 удари од гром за само неколку часа. Службите остануваат во состојба на готовност поради можност од нови временски непогоди.