ПРВ.мк
Свет

Иран испроба ново оружје со касетна муниција – предизвикува максимална штета и се активира на висина од 7 километри

Иран испроба ново оружје со касетна муниција – предизвикува максимална штета и се активира на висина од 7 километри

Во текот на синоќешните напади врз Израел, иранската армија употреби проектил со касетна муниција, што е првпат пријавено користење на овој тип оружје во седумдневниот конфликт, соопштија израелската армија и израелската амбасада во Вашингтон.

Во соопштението од амбасадата до Reuters се наведува дека проектилот бил лансиран врз населено цивилно подрачје во Израел, а касетната муниција е дизајнирана да предизвика максимална штета преку распрснување на подмуниции на голема површина.

Израелската страна ги обвинува иранските сили дека намерно ги таргетираат цивилните области со оружје што има широк радиус на дејство, со цел да ја зголемат разорната моќ на нападите.

Според израелски воени извори, боевата глава на проектилот се отворила на висина од околу 7 километри и ослободила приближно 20 подмуниции во радиус од 8 километри над централниот дел на Израел. Една од подмунициите удрила во куќа во градот Азор, предизвикувајќи материјална штета, но без жртви.

Касетните бомби се сметаат за контроверзни поради неселективниот карактер и опасноста што ја претставуваат неексплодирани подмуниции, кои остануваат закана за цивилите долго време по конфликтот. Израелската армија објави предупредувачки графики за да ја информира јавноста за ризиците од оваа муниција.

И покрај Конвенцијата за забрана на касетна муниција од 2008 година, која ја имаат потпишано 111 земји и 12 ентитети, ниту Израел, ниту Иран не ѝ се приклучија. Во 2023 година, САД исто така испратија касетна муниција во Украина за борба против руските сили, додека Киев тврди дека и руската армија користела вакво оружје.

До сега само три земји – Иран, Израел и САД – одбиле да се придружат на оваа конвенција која има за цел да ги забрани производството, складирањето, преносот и употребата на касетни бомби.

Сподели го овој напис