Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, беше прогласен за виновен за несовесно работење поради незаконското назначување вршители на должност директори во основните училишта во Лабуништа, Радолишта и Подгорци. Наместо затвор, му беше изречена парична казна од 10.000 евра, при што судот ги зема предвид олеснителните околности, вклучително и фактот што Мерко нема претходни осуди.
Во случајот беше утврдено дека директорите не биле избрани од редот на вработените, не бил распишан јавен оглас, немале најмалку пет години работно искуство и биле назначувани еден по еден, што е во спротивност со законот.
Судијата Јордан Јованов објасни дека според Законот за основно образование мора да се распише конкурс и да се бараат кандидати кои ги исполнуваат условите, но во овој случај директно им било понудено на лицата да прифатат, без објавен оглас. Иако директорите си ја извршувале работата, спорно било нивното незаконско назначување.
Обвинителството најави жалба на пресудата.
Инаку, овој месец Мерко беше ослободен од обвинението за набавка на луксузно возило „Ауди А6“ и други возила за Општината. Тој се соочува со уште два предмети поврзани со назначувања директори во други училишта и процес за незаконско поставување споменик пред зградата на Општината.