Вработен во Народната банка на Северна Македонија, со иницијали З.Д., е уапсен по сведочењето на Велибор Манев – обвинет за свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Манев на судењето изјави дека токму З.Д., по налог на Љупчо Палевски, го уништил оружјето што според обвинението било користено во двата злосторства.
Обвинителството ја потврди веста за апсењето и најави понатамошни истражни дејствија во врска со случајот. Апсењето следи по деталното сведочење на Манев кој рече дека бил манипулиран од Палевски и сега одлучил целосно да проговори откако бил наречен „лажго“ од истиот.
„Палевски ми се јави од турската граница и ми рече да му се јавам на З.Д. од Народна банка, член на партијата ‘Десна’, за да го отстрани ‘пакетот’ – ранецот со оружје и мотороли“, рече Манев пред судот. Тој додаде дека ја исполнил наредбата и го известил Палевски, а сето тоа било снимено на камери.
„Пакетот“ бил ранецот со пиштолот, кој според обвинението бил употребен при егзекуцијата на Панче и Вања. Манев тврди дека Палевски му ветил дека ќе биде само киднапирање за откуп, а не убиство.
Со апсењето на З.Д., истрагата добива нов правец, а Обвинителството најавува проширување на обвинувањата за лица осомничени за помагање во прикривање на докази.