Јужноафриканската полиција реализираше драматична и исклучително ризична операција во река преполна со крокодили, во обид да го расветли исчезнувањето на бизнисмен кој минатата недела исчезнал откако надојдена река го однела при обид да мине преку поплавен премин.
Случајот започнал кога неговото возило било пронајдено заглавено кај поплавен мост. Кога полицијата пристигнала на местото, автомобилот бил празен, што веднаш предизвикало сериозен сомнеж дека мажот бил повлечен од силната водена струја.
Во потрагата биле ангажирани специјални полициски тимови, дронови и хеликоптери, кои пребарувале тешко пристапен терен и опасни речни делови. За време на операцијата, на мал остров биле забележани повеќе крокодили, но вниманието особено го привлекол еден голем примерок со видливо подуен стомак, кој според проценките на полицијата неодамна се хранел.
Поради сомнеж дека токму тој крокодил можеби проголтал човечки остатоци, била донесена одлука за елиминирање на животното, по што следувала високо ризична акција за негово извлекување.
Полицаец од специјалната нуркачка единица бил спуштен со јаже директно од хеликоптер во опасната зона, каде го обезбедил крокодилот, по што и полицаецот и животното биле извлечени од водата.
Станувало збор за огромен крокодил долг околу 4,5 метри и тежок приближно 500 килограми. Животното било пренесено во Националниот парк Кругер, каде при испитување во неговата утроба биле откриени човечки остатоци.
Во тек се ДНК анализи со цел да се утврди дали остатоците му припаѓаат на исчезнатиот бизнисмен.
Дополнително, експертите во стомакот на крокодилот пронашле и шест различни видови обувки. Според стручњаците, тоа не мора автоматски да значи дека животното нападнало повеќе луѓе, бидејќи крокодилите често голтаат различни предмети што ги наоѓаат во својата околина.
Овој случај предизвика шок во јавноста и уште еднаш ја покажа опасноста од природните стихии и дивиот свет во екстремни услови.








