Војната не е само сценарио на филм – Ирска повикува: „Подгответе залихи со вода и храна“
Во сенка на драматичните безбедносни промени во Европа, ирските власти упатуваат сериозно предупредување до граѓаните – да се подготват за потенцијални вонредни состојби, меѓу кои и оружени конфликти. Советот до граѓаните е јасен: набавете вода, конзервирана храна и направете план како да се справите со можни прекини на струја, недостиг на вода и екстремни временски појави.
Повикот доаѓа непосредно по објавата на британската влада дека Велика Британија мора сериозно да се подготви за воено сценарио „на сопствена почва, за првпат по многу години“. Во стратегијата за национална безбедност која беше објавена на 24 јуни, британските министри беа предупредени дека живееме во време на реална закана од конфликт со противници што ја загрозуваат нивната безбедност.
Ирска, иако не е членка на НАТО, не останува немо набљудувач. Тамошните министри се сè погласни во повикот општеството да стане поотпорно и да се подготви за секој тип на кризи – било тоа пандемии, прекини на енергија или воени ризици. За таа цел, се планира голема меѓувладина симулација до крајот на годината, во која институциите ќе вежбаат сценарија за справување со катастрофи.
На интернет-страницата PrepareUK, граѓаните се советуваат како конкретно да се подготват:
- Да имаат резерви од вода во шишиња, при што се препорачуваат најмалку 2,5 до 3 литри вода дневно по човек,
- Да купуваат конзервирана храна која може да трае со месеци,
- Да се обезбеди сигурно место за чување важни документи,
- Да се проверат батерии, апарати и алармни системи,
- Да се направи семеен план за евакуација.
Во документот се наведува: „Ова не се само сценарија од филмови. Вонредни ситуации се случуваат секој ден – од лоши временски услови, несреќи, намерни напади или прекини во критичната инфраструктура.“ Некои од овие ситуации може да траат со часови, други – со денови, месеци или дури и години.
Пораката е јасна – не се работи за ширење паника, туку за подготвеност. Во време на глобални тензии, кревка енергетска стабилност и климатски закани, секој дом треба да биде подготвен за „она што можеби доаѓа“.