Британската пејачка Џеси Џеј (37) објави дека привремено се повлекува од музичката сцена за целосно да се посвети на лекувањето на ракот на дојка, кој неодамна ѝ беше дијагностициран. Таа ја сподели емотивната најава за време на својот настап на големиот музички фестивал „Самертајм бал“ во Лондон, на стадионот „Вембли“.
– Ова е мојот последен концерт пред да тргнам да го победувам ракот на дојка! – рече таа пред публиката. – Затоа ова вечерва ми е толку посебно, немате поим.
За време на настапот, Џеси Џеј изрази голема благодарност за животот, кариерата, синот и семејството. Таа живее во Лондон со својот двегодишен син Скај, а од 2021 година е во врска со кошаркарот Чанан Сафир Колман.

– Моето семејство, мојот бенд, мојата екипа… Толку сме среќни и имаме многу причини да живееме и радости што ни претстојат – изјави пејачката.
По концертот, Џеси се огласи и на социјалните мрежи, откривајќи како го поминала денот. Со шега напиша дека изгледа како „г-ѓа Даутфаер“ по нанесувањето на крема, а потоа откри дека додека сите спијат, таа ги средувала работите дома и се чувствувала емотивно гледајќи го синот.
На крајот, таа потсети дека ракот ѝ бил откриен навреме и дека ќе се оперира веднаш по настапот на „Вембли“.
Џеси Џеј се соочува со тешката битка, но со поддршка од семејството и обожавателите, е решена да ја победи болеста.