ПРВ.мк
Свет

ПРИРОДАТА ПОКАЖА СИЛА: Гром удри во стадо овци и остави масакр зад себе

ПРИРОДАТА ПОКАЖА СИЛА: Гром удри во стадо овци и остави масакр зад себе

Удар на гром во швајцарските Алпи предизвика голема трагедија, откако загинаа 97 црноносни овци од заштитена швајцарска раса.

Несреќата се случила во регионот Вале, на планинска ливада на надморска височина од 2.503 метри, каде што стадото било погодено од силно невреме. Околу 80 овци преживеале по ударот.

Според информациите, животните биле заедно во ограден простор, што претходно било невообичаена практика, но денес станало неопходно поради потребата од заштита на стадата од сè почестите напади на волци.

Угинувањето на овците било откриено по силните грмотевици кои го зафатија поголемиот дел од Швајцарија по подолгиот топлотен период. Угинените животни биле пренесени од планината во низината со хеликоптер.

Швајцарската метеоролошка служба регистрирала околу 26.000 удари на гром во само неколку часа за време на невремето.

Црноносните овци се една од најпознатите раси во регионот Вале. Тие се препознатливи по белото густо руно, црната муцка и ознаките околу очите, а се ценети поради волната и месото. Освен тоа, имаат важна улога во одржувањето на планинските предели преку пасење.