Околу 200 туристи беа евакуирани со хеликоптери од долината Каунертал во австриската покраина Тирол, откако силно невреме предизвика повеќе одрони и лизгања на земјиштето што ја прекинаа единствената патна врска со областа.
Според информациите од локалните власти, бурата проследена со силен дожд и град предизвикала големи оштетувања на патната инфраструктура. Огромни количества земја, камења и урнатини се срушиле врз коловозот, додека надојдените планински потоци дополнително ја влошиле ситуацијата. На едно место бил уништен дел од патот во должина од околу 50 метри, поради што долината останала целосно отсечена.
Туристите, кои претежно биле на еднодневни екскурзии, биле принудени ноќта да ја поминат во планински засолништа и ресторани. Утрината започнала голема спасувачка акција во која биле ангажирани два хеликоптери на австриската армија за нивна безбедна евакуација.
Од кризниот штаб соопштија дека претходно десетина лица биле евакуирани поради здравствени причини, но дека во одроните нема загинати, повредени или исчезнати лица.
Патот кон ледникот Каунертал е еден од најпознатите високопланински патишта во Австрија, но поради стрмниот терен и бројните планински потоци често е изложен на ризик од одрони, поплави и лизгања на земјиштето при интензивни врнежи.









