Украина повторно се разбуди во страв, откако руски дронови ја нападнаа престолнината Киев во раните утрински часови, предизвикувајќи пожари и уништување на станови, магацини и возила. Официјалните лица потврдуваат дека три лица се повредени од шрапнели, а шест градски реони биле погодени од нападите.
Паника и пожари во центарот на Киев Фрагменти од беспилотни летала завршиле на неколку локации низ градот, а најголема штета има во централниот Шевченкивски реон, каде што беспилотно летало предизвикало пожар на горен кат од станбена зграда. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, информираше дека екипите за итни случаи се на терен и работат на гаснење на уште еден пожар во центарот на градот.
Украинската војска издаде предупредување преку Телеграм дека може да следува и ракетен напад, зголемувајќи ја тензијата меѓу жителите на градот.
Тројца загинати во напад на Костантиновка Истовремено, во градот Костантиновка во источна Украина загинаа три лица, а едно лице е повредено во воздушен напад со беспилотни летала. Еднокатна административна зграда е целосно уништена, а пожарникарите се бореле со пламени јазици во уште четири објекти. Телата на две жртви биле извлечени од урнатините, соопштија украинските служби за вонредни ситуации.
Донецк под постојан оган – повик за евакуација Гувернерот на регионот Донецк, Вадим Филашкин, упати драматичен апел: „Време е за одговорна одлука. Евакуирајте се во побезбедни делови на Украина!“ Регионот Донецк, особено Костантиновка, е мета на постојани руски напади веќе неколку месеци.
Рекорден напад со дронови – над 700 летала во една ноќ Овие инциденти доаѓаат по најмасовниот руски напад со дронови од почетокот на војната – 728 беспилотни летала биле насочени кон различни региони низ Украина, вклучувајќи ја и западната област, што покажува колку фронтот е проширен и нестабилен.
Вашингтон реагира – остри зборови за Путин Само неколку часа пред нападот, претседателот Доналд Трамп најави нова воена помош за Украина и испрати остри критики до рускиот лидер Владимир Путин, што дополнително ги зголемува тензиите меѓу Вашингтон и Москва.
Украинците повторно се соочуваат со ноќни кошмари, додека бројот на жртви расте, а надежта за траен мир сè уште изгледа далеку.