ПРВ.мк
Свет

ЕУ воведува нови правила за возила – Од 1ви јули без овој уред нема да може да поминете граница

ЕУ воведува нови правила за возила – Од 1ви јули без овој уред нема да може да поминете граница

Од 1 јули во Европската Унија стапуваат во сила нови правила за меѓународниот транспорт на стока, со кои дел од превозниците ќе добијат дополнителни обврски при вршењето на превоз надвор од матичната држава.

Најголемата промена се однесува на лесните товарни возила со вкупна дозволена маса од 2,5 до 3,5 тони, вклучувајќи ја и приколката. Возилата што вршат меѓународен превоз на стока или каботажа ќе мора задолжително да бидат опремени со паметен тахограф од втора генерација.

Новиот тахограф автоматски ќе евидентира повеќе информации за движењето на возилото, меѓу кои преминувањето на државните граници, местата на товарење и истоварување, како и активностите на возачот за време на патувањето.

Со овие измени Европската Унија ја проширува контролата и врз помалите товарни возила, кои досега не беа предмет на истите правила како тешките камиони. Целта е да се зголеми транспарентноста во транспортниот сектор, подобро да се контролира работното време на возачите и да се намалат злоупотребите.

Новите правила ќе важат за сите компании што вршат меѓународен транспорт на стока во рамките на Европската Унија, како и за превозниците кои вршат каботажа. Покрај земјите членки на ЕУ, истите стандарди ќе се применуваат и во Швајцарија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн и Велика Британија.

Од обврската се изземени одредени возила што се користат за транспорт на материјали до градилишта во радиус до 100 километри од нивната база, како и дел од некомерцијалните активности предвидени со европските прописи.

Европските институции очекуваат дека новите мерки ќе придонесат за поголема безбедност на патиштата, поефикасна контрола на транспортот и еднакви услови за сите превозници, иако за дел од компаниите тие ќе значат дополнителни инвестиции за прилагодување на возниот парк.