Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина ги исполнила сите неопходни услови за отворање на преостанатите пет преговарачки кластери со Европската Унија и изрази очекување дека процесот ќе продолжи без одложување.
За време на посетата на Даблин, Зеленски порача дека забрзаното членство на Украина не е важно само за неговата држава, туку претставува стратешки интерес и за целата Европска Унија. Според него, Украина го направила сето она што било потребно за да напредува во евроинтегративниот процес.
Тој истакна дека се надева на поддршка и од земјите кои досега имаа резерви кон процесот, меѓу кои ги посочи Унгарија и Полска.
Ирскиот премиер Мајкл Мартин, кој беше домаќин на средбата, ја потврди поддршката на Ирска за европската перспектива на Украина и најави дека неговата земја ќе работи на обезбедување поширок консензус меѓу земјите-членки на Унијата за продолжување на пристапните преговори.
„Направивме сè што е потребно. Сметам дека е во интерес на сите земји Украина што побрзо да стане членка на ЕУ“, изјави Зеленски.










