Едно дете е пронајдено мртво, додека две други деца и жена се во критична состојба по напад со нож во австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс, соопшти полицијата.
Итните служби попладнево биле повикани на улицата „Варата“ во Вали Хајтс, населено место во областа Блу Маунтинс. По пристигнувањето на местото, во автомобилот биле пронајдени жена и три деца со убодни рани. За едно од децата било констатирано дека е починато.
Според полицијата, случајни минувачи први реагирале и им помогнале на повредените, а потоа веднаш ги повикале итните служби. Неколку граѓани им пружиле прва помош на жената и на децата пред пристигнувањето на медицинските екипи.
Двете деца кои преживеале, за кои се верува дека се помлади од пет години, биле итно пренесени во Детската болница „Вестмид“. Жената, која е во четириесеттите години, била пренесена во болницата „Вестмид“.
Состојбата на сите тројца повредени е критична и медицинските тимови се борат за нивните животи.
Полицијата го обезбедила местото и започнала истрага со цел да се утврдат сите околности под кои дошло до нападот. Засега не се трага по други лица поврзани со случајот, соопштија надлежните.
Сè уште нема дополнителни информации за тоа што му претходело на настанот и како жената и децата се нашле во автомобилот со повреди.
Полицијата ги повика сите граѓани кои можеби имаат информации за случајот, како и лица кои располагаат со снимки од мобилни телефони или камери поставени на возила, да им ги достават материјалите на истражителите.







