Шпанската влада прогласи вонредна состојба, откако серија големи шумски пожари ја зафатија околината на Мадрид и соседната покраина Авила, принудувајќи повеќе од 19.000 жители да ги напуштат своите домови.
Според шпанските медиуми, два големи пожари во близина на главниот град се споиле во еден, додека трет пожар опасно се приближува. Претседателката на регионот Мадрид, Изабел Дијаз Ајусо, ја оцени ситуацијата како „најлошиот пожар во историјата на регионот“, посочувајќи дека екстремните температури и силниот ветер го забрзуваат ширењето на огнот.
Премиерот Педро Санчез одржал итен состанок со надлежните институции и најавил мобилизација на сите расположливи ресурси. Шпанија воедно побарала помош преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија.
Критична е состојбата и во Франција, каде што беснеат десетици пожари. Властите евакуирале околу 80.000 луѓе во двете земји, а само во Франција огнот уништил повеќе од 50.000 хектари површина од почетокот на годината.
Експертите предупредуваат дека комбинацијата од обилните пролетни дождови, густата вегетација, екстремните горештини и силниот ветер создава идеални услови за брзо ширење на пожарите, поради што се очекуваат уште тешки денови за службите кои се борат со огнената стихија.








