Пирати киднапирале товарен брод под камерунско знаме во близина на брегот на Пунтланд, Сомалија, а меѓу десетте членови на екипажот се наоѓаат и двајца српски државјани ангажирани како обезбедување.
Станува збор за бродот „M/V LUTUF“, кој бил пресретнат на околу 3,5 наутички милји од градот Мараје, по што пиратите го однеле кон брегот.
Според сомалиски функционер кој разговарал со Асошиејтед прес, бродот превезувал оружје наменето за турски воен центар за обука во Могадишу, како и комуникациска и сателитска опрема.
На бродот имало вкупно десет лица – шестмина Индијци, еден турски и еден грузиски државјанин, како и двајца Срби ангажирани како безбедносен персонал.
Според истиот извор, во киднапирањето учествувале осум пирати, а ситуацијата дополнително се заострила откако во близина на бродот бил извршен воздушен напад. Наводно загинале четири лица, а уште две биле повредени.
Засега не е потврдено кој го извршил воздушниот напад, ниту дали загинатите биле поврзани со пиратите.
Најголемата неизвесност останува околу судбината на екипажот. Во моментов нема потврдени информации што се случило со двајцата Срби, останатите членови на екипажот, бродот и товарот.
Асошиејтед прес наведува дека не можел независно да ги потврди сите детали од информациите што ги соопштил сомалискиот функционер.









