Еден од најактивните вулкани во Европа, Етна, повторно се разбуди. Италијанските вулканолози потврдија нова еруптивна фаза, со интензивна експлозивна активност во југоисточниот кратер. Врвот на активноста е регистриран утрово околу 4 часот, а сцените од кратерот се драматични.
Локалните власти веднаш издадоа портокалова тревога – второ ниво од четирите можни – што значи зголемена подготвеност, но не и директна опасност за населението. Воздушниот сообраќај во Катанија функционира нормално, а меѓународниот аеродром „Винченцо Белини“ засега работи без прекини.
Се следи состојбата внимателно, а научниците предупредуваат дека активноста може да продолжи. Етна често знае да ги изненади дури и најискусните набљудувачи.