Нови сериозни тензии избувнаа меѓу САД и Иран откако американски сили извршиле напади врз ирански пристаништа и острови во близина на стратешки важниот Ормутскиот теснец, на што Техеран возвратил со сопствени воени акции против американски цели на море.
Според соопштението на иранската централна команда Хатам ал-Анбија, САД наводно го прекршиле прекинот на огнот од 7 април со напад врз ирански танкер кој се движел од крајбрежните води кај Џаск кон Ормутскиот теснец. Истовремено, бил пријавен и напад врз друг брод во близина на пристаништето Фуџаира во Обединетите Арапски Емирати.
Иранските власти тврдат дека американските сили, во координација со неколку земји од регионот, извршиле и воздушни удари врз цивилни подрачја долж брегот, меѓу кои области во близина на пристаништата Хомер и Сирик, како и на островот Кешм, што дополнително ја зголемило ескалацијата.
Во одговор на овие акции, иранските вооружени сили соопштиле дека извршиле контранапади врз американски воени бродови во источниот дел на Ормутскиот теснец и јужно од пристаништето Чабахар, при што, според нивните тврдења, биле нанесени значителни оштетувања.
Во исто време, регионалните медиуми јавиле за силни експлозии во близина на островот Кешм и пристанишниот град Бандар Абас, додека иранската противвоздушна одбрана била активирана и во поширокото подрачје на Техеран. Се појавиле и информации дека Иранската револуционерна гарда можеби нападнала три американски разорувачи во Ормутскиот теснец.
Од американска страна, претставник за „Фокс њуз“ потврдил дека САД извршиле операции насочени кон Кешм и Бандар Абас, но нагласил дека овие дејства не значат формално продолжување на војната, ниту прекин на постојниот прекин на огнот.
Американската Централна команда (ЦЕНТКОМ) соопштила дека биле неутрализирани сите дојдовни закани и дека биле погодени ирански воени објекти поврзани со ракетни системи, беспилотни летала, командни центри и разузнавачка инфраструктура.
Според американските извори, целиот инцидент се случил откако Иран лансирал ракети, дронови и мали вооружени чамци кон три американски разорувачи кои пловеле низ Ормутскиот теснец, што дополнително ја засилило веќе кревката безбедносна состојба во регионот.









