Американскиот претседател Доналд Трамп го претстави новиот авион „Боинг 747-8“, кој во иднина треба да ја има улогата на претседателско летало и да служи како нов „Ер Форс Ван“.
Станува збор за луксузен авион чија вредност се проценува на околу 400 милиони долари, а кој минатата година бил дониран од Катар на Соединетите Американски Држави. По преземањето на леталото, американските воени служби спровеле низа технички модификации и безбедносни надградби за да ги исполни претседателските стандарди.
Трамп изјави дека авионот е претворен во вистинска „летечка Бела куќа“, нагласувајќи дека нуди ниво на удобност и опременост какво што ретко може да се види во светот на авијацијата.
Од американското воздухопловство соопштија дека леталото веќе влегло во фаза на тестирање и пробни летови, кои претставуваат последен чекор пред негово официјално ставање во употреба.
Додека Белата куќа уверува дека процедурата за прифаќање на подарокот е целосно законска, одлуката предизвика бројни реакции и критики во политичките кругови во Вашингтон.
Според најавите, по завршувањето на претседателскиот мандат на Трамп, авионот би требало да стане дел од неговата претседателска библиотека.








