На 29 октомври, во спортскиот центар „Јане Сандански“, ќе се одржи ревијалниот натпревар „Легендите на сцена“, кој ќе обедини македонски и европски ракометни херои, како дел од прославата на 20-годишнината од постоењето на Спортското Радио 90,3.
Настанот ќе биде вистинско враќање во времето, со настап на најголемите имиња во македонскиот ракомет – Кирил Лазаров, Борко Ристовски, Стојанче Стоилов, Пепи Манасков, Филип Миркуловски, Иван Марковски, Раде Стојановиќ, Аце Станковски, Наумче Мојсовски, Бранко Ангеловски, Ванчо Димовски, Петар Ангелов, Влатко Недановски, Гоце Георгиевски, Горан Ѓоргоноски, Велко Маркоски, Лазе Мајнов, Александар Царчев и други.
Покрај домашните асови, организаторите поканија и интернационални суперѕвезди кои оставиле силен белег во светскиот ракомет, а дел од нив и во македонскиот ракомет – Арпад Штербик, Жоан Кањелас, Иван Чупиќ, Игор Вори, Страхиња Милиќ, Тимур Дибиров, Глеб Каралаш, Ренато Вугринец, Игор Карачиќ, Илија Абутовиќ, Лука Циндриќ, Данил Шишкарев, Ивано Балиќ, Мирза Шариќ, Вуко Борозан, Домагој Дувњак, Кристијан Дисингер.
Спектаклот ќе биде воден од легендите Лино Червар, Веселин Вујовиќ, Звонко Шундовски и Ристо Магдинчев, додека судиската задача ќе ја извршуваат Марјан и Драган Начевски, Горѓи Начевски, Славе Николов, како и Силвана Карбеска и Марија Илиева.
Присуството на овие легенди гарантира незаборавен спектакл кој ќе ја врати магијата на спортот, ќе ја обедини публиката и ќе понуди моменти кои ќе останат запишани во спортската историја на Македонија.