ПРВ.мк
Спорт

Реал Мадрид ја нападна Ла Лига: Следната сезона е закажана уште пред да почне

Реал Мадрид ја нападна Ла Лига: Следната сезона е закажана уште пред да почне
Escape

Реал Мадрид јавно ја нападна шпанската Ла Лига, откако челниците на натпреварувањето го одбија нивното барање за одложување на мечот против Осасуна закажан за 19 август.

Од клубот сметаат дека натпреварот доаѓа прерано, имајќи предвид дека клучните играчи сè уште не се опоравени од исцрпувачката сезона, во која одиграле над 60 натпревари, вклучувајќи и настапи на Светското клупско првенство кое заврши на 14 јули.

Реакција преку клупската телевизија

„Испративме официјално барање уште на 9 јуни, затоа што однапред знаевме дека ќе има проблем со одморот на играчите. Дури на 31 јули добивме одговор, а до тогаш не’ игнорираа. Со тоа се потврдува дека логиката, медицината и спортскиот интегритет се ставени во втор план“, стои во реакцијата што ја пренесе клупската телевизија на Реал Мадрид.

Од клубот дополнително го обвинија претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, за пристрасност и лична нетрпеливост кон Реал Мадрид.

„Тебас отворено не’ напаѓа. Тој лично изјави дека нема да дозволи одложување, што само покажува дека сезоната е однапред испланирана. Манипулациите почнуваат уште пред првото коло“, додаваат од „Сантијаго Бернабеу“.

Без главни трофеи, но со натрупан календар

Минатата сезона, Реал не освои ниту еден од главните трофеи во Шпанија и Европа. Се задоволија со Суперкупот на УЕФА и Интерконтиненталниот куп, но останаа без титули во Ла Лига, Купот на Кралот и Лигата на шампионите.

Настапот на Светското клупско првенство дополнително го скрати летниот одмор за главните фудбалери, а тоа е клучниот аргумент со кој клубот бараше одложување на стартот на новата сезона.

Mia Home Mavrovo