САД се соочуваат со уште еден скандал во светот на спортот – поранешниот НБА кошаркар Бен Меклемор (32) е осуден на осум години затвор поради сериозни обвиненија за сексуален напад. Пресудата беше донесена поради случај што датира од 2021 година, кога, според извештаите на американските медиуми, нападот се случил на приватна забава, а жртвата била во полусвесна состојба под дејство на алкохол.
И покрај обидите на одбраната да ја оспори вината, судот во Орегон го прогласи Меклемор за виновен по три основи:
- Силување од прв степен,
- Незаконска сексуална пенетрација од прв степен,
- Сексуален напад од втор степен.
Во емотивно видео сведочење што беше прикажано на изрекувањето на пресудата, жртвата го сподели своето искуство и траумата што ја носела со себе во изминатите години:
„Во последните неколку години, честопати чувствував како товар што морав да го влечам зад себе, постојан потсетник за траумата што не можев целосно да ја надминам бидејќи немаше крај на повидок. Сега разбирам зошто толку многу жртви се двоумат или никогаш не пријавуваат што им се случило,“ рече таа.
Откако случајот бил пријавен во 2021 година, почнала детална полициска истрага. Обвиненијата против Меклемор биле формализирани во февруари 2024 година, а тој бил уапсен два месеци подоцна. Со најновата пресуда, тој ќе издржува затворска казна од осум години, што веројатно значи крај на неговата професионална кошаркарска кариера.
Бен Меклемор беше сметан за еден од најперспективните млади играчи во своето време. Беше седми пик на НБА драфтот во 2013 година, кога го избра Сакраменто Кингс. Во текот на својата НБА кариера играше и за Мемфис Гризлис, Хјустон Рокетс, Лос Анџелес Лејкерс и Портланд Трејл Блејзерс.
По 2023 година, тој се повлече од НБА и продолжи да игра интернационално – најпрво во Кина, потоа за АЕК Атина, како и за шпанскиот тим Бреоган. Последно беше дел од турскиот клуб Меркезефенди, каде што го одигра својот последен натпревар против Тофаш, постигнувајќи 23 поени, 3 асистенции и 2 скока во тесен пораз со 92:94.
Во својата НБА кариера, Меклемор одигра 556 натпревари, со просек од 9 поени, 2.3 скока и 1 асистенција по меч.
Случајот е уште една болна потсетник за важноста на одговорноста и последиците од насилството, без оглед на славата или статусот на сторителот.