Сезоната на Аматерската Картинг Лига на Србија (АКЛС) заврши со шест возбудливи трки во три различни држави, а титулата повторно заврши во рацете на Македонија. Масимо Тасевски од Скопје, со апсолутна доминација и четири победи од шест натпревари, ја одбрани ланската титула и стана двократен шампион на АКЛС.
Финалната трка, која се одржа овој месец, стави крај на извонредната сезона на Тасевски, кој повторно покажа конзистентност, голема брзина и зрела тркачка стратегија. Натпреварите се одржаа на патеки во Србија, Унгарија и Хрватска, а Масимо го славеше триумфот на трките во Палоц и Кечкемет (Унгарија), Пореч (Хрватска) и Аутокомерц – Белград (Србија).
Со вкупно 157 освоени поени, Тасевски убедливо го зазеде првото место во генералниот пласман, пред Радослав Жиковиќ со 129 поени и Михајло Вучиниќ со 117 поени. Оваа победа уште еднаш ја потврдува позицијата на младиот македонски возач меѓу најдобрите на регионалната аматерска картинг сцена, а македонското знаме сè почесто се истакнува на тркачките патеки низ Балканот.
Честитки за Масимо Тасевски за уште една извонредна сезона и заслужена шампионска титула!
Не дознавај последен- читај ПРВ.мк














