ПРВ.мк
Спорт

Кога мислевме дека е готово, тој направи нешто што ќе се раскажува со години - Дарио Ивановски го покори Скопје

Кога мислевме дека е готово, тој направи нешто што ќе се раскажува со години - Дарио Ивановски го покори Скопје

Во спектакуларно издание на Скопскиот атлетски маратон, македонскиот атлетичар Дарио Ивановски приреди вистинска сензација! Во драматичен финиш, само два километри пред целта, тој го престигна фаворизираниот Кениец Џулиус Кипкоеч и ја освои највисоката позиција на подиумот со време од 2 часа, 14 минути и 50 секунди.

Ова е втора голема победа за Ивановски на Скопскиот маратон – првата ја забележа во 2021 година, а со денешниот триумф ја потврди својата доминација, станувајќи и балкански и национален шампион.

„Најважно ми е да ги бранам боите на Македонија. Благодарен сум на сите што беа со мене и кога победував и кога паѓав. Сакам сите да знаат дека и во Македонија има победници“, изјави Ивановски по трката, не криејќи ја радоста.

Во женска конкуренција, пак, Кенијката Ирине Черуто ја потврди својата форма и победи втора година по ред со време од 2:38:31 часа.

Оваа година, Скопскиот маратон го прослави своето 21-во издание со рекорден број учесници — над 14.000 тркачи од 58 земји го преплавија главниот град, претворајќи го Скопје во сцена на спортска магија и гордост за Македонија.

Escape