Иако повеќе не настапува во елитниот европски фудбал и не освојува големи трофеи, португалската фудбалска ѕвезда Кристијано Роналдо и понатаму го држи врвот кога станува збор за спортски приходи.
Според најновата листа на Forbes, Роналдо по трет пат по ред — и вкупно петти пат во својата кариера — е прогласен за најплатен спортист на светот во 2025 година. Неговите годишни приходи се проценети на неверојатни 275 милиони долари, што е за околу 15 милиони повеќе од претходната година.
Од преминот во саудискиот клуб Ал Наср во декември 2022 година, каде заработува 200 милиони евра годишно, Роналдо дополнително ги зголеми своите приходи и преку бројни спонзорства надвор од теренот. Голем дел од овие договори се потпомогнати од неговото монументално присуство на социјалните мрежи, каде што вкупниот број на следбеници се приближува до една милијарда.
На второто место на листата се наоѓа НБА ѕвездата Стеф Кари, играч на Голден Стејт Вориорс, со заработка од 156 милиони долари. Кари во март влезе во историјата како прв играч во НБА лигата што реализирал над 4.000 тројки.
Третото место го зазема британскиот боксер Тајсон Фјури со 146 милиони долари, и покрај поразот од Украинецот Александер Усик во борбата за светскиот шампионски појас во тешка категорија во декември. Фјури заработи значително и преку реалити-серијата на Netflix, како и соработката со Туристичката организација на Малта.
На четвртата позиција се најде НФЛ ѕвездата Дак Прескот, со 137 милиони долари, додека на петтото место падна аргентинскиот фудбалер Лионел Меси, кој оваа година инкасираше 135 милиони долари. Меси, кој минатата година беше меѓу првите тројца, годинава бележи благо намалување на приходите.