ПРВ.мк

И при првиот обид да ја грабнат Вања се спремале за убиство? Снимка покажа дека Манев се вратил дома по лопата

И при првиот обид да ја грабнат Вања се спремале за убиство? Снимка покажа дека Манев се вратил дома по лопата
Jumbo Banner

Во дополнување на доказната постапка Обвинителство се спротивстави на дел од исказите на обвинетите за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска од Скопје и Панче Жежовски од Велес.

Обвинителките презентираа видео снимки кои се од критичниот период пред убиствата на Ѓорчевска и Жежовски.  

„Снимката беше изнесена во одговор на обвинетите во исказите дека тие всушност немале мотив да убиваат, туку тргнале да грабнуваат луѓе, но тоа што  тие дополнително се враќаат само за да ја стават лопата и да ја земат со себе, односно ја имаат истата заборавено-укажува токму на спротивното од нивните искази дека тие веќе биле подготвени и за убиство.“ – Ана Стојковиќ Димитровска обвинителка.

„Обвинетите заедно се договарале и координирале за да ги преземат сите дејствија со цел да остварат користољубие. Причината поради која не е побарана било каков износ на парични средства, очоигледно било во контекст на целта која сакале да ја остварат, а не дека нема користољубие во случајов.“ – Жаклина Крстевска Јосифовска обвинителка.

Бранителот на таткото на Вања, вели дека снимката која ја презентираа обвинителките всушност е и доказ предложен од страна на Владимир Туфегџиќ.

„Се докажува дека критичниот ден на 24.11.2023г., враќањето на Велибор Манев и Боре Видевски за да ја земат лопата а тоа е денот на неуспешниот обид за грабнување, фактички исклучува било каква улога на таткото во овој случај и јасна цел имале сторителите за ликвидација.“ – Владимир Туфегџиќ адвокат на Александар Ѓорчевски.

Првообвинетиот за грабнувањата и убиствата на Ѓорчевска и Жежовски, Љупчо Палевски посочи дека за време на киднапирањето и убивањето на Жежовски, односно на 22.11.2023 година поправал котел за парно кај сведокот Ерол Османи. Палевски приговараше и праша зошто немало вештачење на пиштолот „зборевка“-чаурата од 9мм најдена кај местото Рудник кај Велес. Одбраната потенцира дека има пропусти во истрагата.

„Нејасно ми е како од ова оружје нема испукано и нема таков материјал за доказ во МВР. Тоа оружје спрема оној закон кој беше донесен од МВР, би требало доколку не е направено такво нешто досега би требало да биде одземено. Обвинителството бара вакви докази, срамно е за вакви убиства и за убиство на девојче, во петти месец 2025г. Обвинителството да побара наредба и да доставува докази.“ – Јовица Страшевски адвокат на Љупчо Палевски.

Обвинетиот Боре Видевски пак, кој претходно во исказот кажа дека за време на критичните денови бил на работното место во претпријатието во Велес, обвинителките посочија докази од истото претпријатие дека Видевски не бил на работа на 22 и 27.11.2023 година.

„На 27.11.2023г. не е спорно дека не бил на работа, на 22.11. бил на работа, меѓутоа и самиот во исказ во Обвинителство и во исказот во суд кажа дека е проблем отчукувањето на картицата. Затоа ќе ги повикам неговите колеги/сведоците да го потврдат неговото присуство.“ – Бојан Манев-адвокат на Боре Видевски.  

Судијата Ивица Стефановски, следното рочиште го закажа за в среда.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран