Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донел наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело разбојничка кражба од член 238 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопшти Јавното обвинителство.
Осомничениот 29-годишник, на 12.10.2024 година, влегол во магацин на објект во градба на булеварот „Борис Трајковски” за да одземе разновиден електричен алат, калориметри и други предмети во вкупна вредност од околу 363.000 денари.
Кога при кражбата бил затекнат од чувар на градилиштето, осомничениот употребил сила и закана дека ќе го убие, физички го нападнал со тупаници по лицето и тешко телесно го повредил. Потоа побегнал, носејќи со себе една вреќа украдени предмети,се наведува во соопштението.
Имајќи предвид дека осомничениот и претходно бил осудуван за кражби, како и начинот на кој го извршил ова дело, јавниот обвинител оценил дека постои ризик од бегство и опасност да го повтори делото, па до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор.