Хрватската ракометна репрезентација со вистински трилер ја отвори главната фаза на Европското првенство ЕХФ ЕУРО 2026, откако во Малме минимално го совлада Исланд со 30-29 и запиша исклучително важни бодови во групата 2.
Од самиот старт, Хрватска ја презеде контролата врз натпреварот и во неколку наврати успеа да се одлепи на плус четири, наметнувајќи ритам и сигурност во нападот. Сепак, Исланѓаните не се предадоа и со агресивна игра успеаја да ја вратат неизвесноста, па пет минути пред крајот разликата беше само еден гол.
Финишот донесе вистинска ракометна драма, со брзи напади и нервозна борба за секоја топка. Во тие клучни моменти, хрватските ракометари покажаа повеќе смиреност и концентрација, што на крајот се претвори во заслужена победа.
Херој на хрватската селекција беше Матео Мараш, кој блесна со седум погодоци и беше нерешлива енигма за исландската одбрана. Значаен придонес имаше и голманот Доминик Кузмановиќ со осум интервенции во најважните моменти од средбата.
Кај Исланд, најрасположени за игра беа Один Рикардсон и Омар Инги Магнусон, кои постигнаа по осум голови, но нивниот учинок не беше доволен за пресврт.
Со оваа победа, Хрватска испраќа јасна порака дека сериозно ќе се бори за висок пласман во главната фаза на шампионатот.

















