Ниту Њујорк, ниту Лондон не можат да се пофалат со ваков рекорд. Милано официјално е градот со највисока концентрација на милионери во светот – статистиката покажува дека на секои 12 жители доаѓа по еден човек со богатство поголемо од еден милион евра.
Италијанската метропола, која важи за финансиски, моден и дизајнерски центар на земјата, денес брои околу 115.000 милионери. Со тоа ги надминува најголемите светски метрополи, додека Париз, Њујорк и Лондон остануваат далеку зад неа по однос на бројот на богаташи по глава на жител.
Особено впечатлива е концентрацијата на ултрабогатите: во Милано живеат над 180 луѓе со средства поголеми од 100 милиони евра, како и 17 милијардери – речиси четвртина од сите во Италија. Главната причина за овој бум е атрактивната даночна политика, која им овозможува на богатите странци да плаќаат фиксен данок на приходите од странство, без оглед на нивната реална вредност.
Но, зад сјајот на богатството се крие сериозен проблем. Навливот на капитал драматично го промени пазарот на недвижности. Цените на становите скокнаа за повеќе од 40% во последните години, а квадратен метар во центарот достигнува и над 11.000 евра, додека во луксузните зони оди и до 27.000.
Резултатот е длабок социјален јаз: илјадници жители едвај можат да си дозволат домување, а десетици илјади чекаат социјален стан. Така, Милано станува симбол на современиот парадокс – град што привлекува огромно богатство, но сè потешко обезбедува пристоен живот за мнозинството.

















