Американските безбедносни служби заплениле повеќе од 700 дронови кои нелегално летале во ограничениот воздушен простор околу стадионите и навивачките зони на Светското фудбалско првенство.
Според ФБИ, прекршувања биле регистрирани во сите 11 американски градови домаќини, а во неколку случаи операторите биле и уапсени. Дел од сопствениците тврделе дека снимале недвижности, проверувале покриви или едноставно сакале воздушни снимки од стадионите и атмосферата околу нив.
За време на натпреварите, без посебно одобрение е забрането летање на дронови во радиус од три наутички милји околу стадионите и на висина до 914 метри. Ограничувања важат и околу навивачките зони.
Федералните агенти користат специјална технологија со која ги откриваат дроновите и ја утврдуваат локацијата на нивните оператори. За прекршување на правилата се предвидени одземање на леталото, кривична постапка и казни што можат да достигнат до 100.000 долари.
Надлежните предупредуваат дека секој оператор е должен да ги провери привремените забрани пред полетување, без разлика дали дронот се користи приватно или за работа.









