Не е сè така јасно и чисто во таборот на домашната селекција пред важниот дуел со Македонија, во битката Данска да обезбеди нов пласман на Мундијалот.
На спортскиот веб-портал „Болд“ вчера можеше да се прочита опасна препорака до навивачите, но и опомена до фудбалерите: Насловот гласи: „Да се избегне најголемиот срам“. Поразот на Данска од Македонија вечерва на „Паркен“ ќе претставува национална фудбалска катастрофа.
Новинарите потенцираат дека тоа би бил најголемиот фудбалски срам за нивната репрезентација. „Затоа нашите фудбалери ќе играат со нож на вратот…“, стои во текстот како најава за сè она што треба да се знае пред денешниот дуел. Данците се оптимисти, но и многу претпазливи.
Сепак, тоа што имаат 8 дебитанти не треба да предизвикува паника. Ако ги погледнете имињата на тие играчи и клубовите за кои настапуваат, ќе ви стане јасно дека тоа можеби е и полошо за Македонија. Свежа крв која игра за големи екипи и која сака да се докажува.


















