Единствениот европски претставник на Македонија, Алкалоид, го одигра четвртфиналниот натпревар против Баја Маре од Романија и на гостински терен испушти победа во самиот финиш (31-31). За време на овој меч, тимот на Алкалоид носеше црни траки, а беше одржано и едноминутно молчење во чест на загинатите во трагедијата во Кочани.
Тимот на Лазаров на ова гостување беше ослабен бидејќи најдобриот играч, Марко Митев, се повреди, што беше значителен хендикеп. На средната бековска позиција одговорноста ја презедоа Мартин Ивановски и Игор Ѓорѓиев. Натпреварот беше изедначен до резултат 11-11, по што Баја Маре влезе во серија и поведе со 14-11. Предноста на домаќините продолжи да расте и на полувремето беше 18-14.
Во второто полувреме, Алкалоид губеше и со пет гола (20-15), но тимот успеа да се врати во игра. Со гол по гол, тимот на Лазаров ја намали негативата, а најголемиот удар го зазеде кога од 23-19, воден од Велковски, Ивановски, Серафимов и Петковски, Алкалоид постигна пет гола во низа, за водство од 23-24. Потоа, следуваше и 24-27 за Алкалоид.
Баја Маре, поддржан од полната сала, во финишот израмни на 29-29. Македонскиот тим се врати со два гола во серија, постигнати од Петров и Џонов, за 29-31, и се чинише дека Алкалоид има победа на дофат. Но, во последните минути, Баја Маре израмни со гол од пенал по исклучувањето на Стојковиќ, и натпреварот заврши без победник – 31-31.