Министерот за здравство, Арбен Таравари, информираше дека денеска 12 пациенти од Скопје, кои се лекуваат по трагичниот настан во Кочани, ќе бидат пуштени на домашно лекување. Вкупно, 39 пациенти се на лекување во земјава, а од тие што се лекуваат во странство, се очекува еден пациент да се врати од Белград и да продолжи со лекувањето во Скопје.
Во однос на пациентите кои се лекуваат надвор од државата, остануваат четири до пет пациенти во критична состојба.
„За жал, неколку пациенти се во посериозна состојба и кај некои има влошување, но нашите колеги во болниците каде што се лекуваат овие пациенти се максимално посветени и се трудат да им помогнат да го поминат овој тежок период“, изјави Таравари на прес-конференција.
Тој исто така нагласи дека во болниците во земјава на Клиниката за детска хирургија нема да има пациенти, додека на Клиниката за пластична хирургија и Клиниката за токсикологија ќе останат пациенти. Во Градската болница „Св. Наум Охридски“ на лекување ќе останат шест пациенти.