Украински тенковски и оклопни пешадиски единици наводно влегле во рускиот Белгород и контролираат мал дел од територијата, јави „Киев Пост“, повикувајќи се на украински официјални лица.
Нападот, кој започнал со лесни пешадиски единици кои напредувале преку шуми и полиња, напредувал до селото Демидовка, околу пет километри внатре во Русија.
Овој упад се случил само недела дена откако вооружените сили на Украина го напуштиле поголемиот дел од територијата на рускиот регион Курск, што се смета за значаен пораз за Киев.
Нападот во Белгород изгледа како помала операција во споредба со Курск. Наводно, украинските сили до понеделникот контролирале помеѓу 20 и 50 квадратни километри територија.
Рускиот воен блогер Генадиј Алјеин напишал дека напредувањето на Украина ја претворило меѓународната граница кај Демидовка „во огромна сива зона“, а борбите од куќа до куќа се уште траат во селото.
Друг воен блогер, Борис Рожин, напишал: „Демидовка е под украинска контрола. Руски сили се повлекле и дозволиле непријателот да го заземе. Украина сега ги чисти мините и ги отстранува бариерите на границата. Русите се спротивставуваат на нападот“.
Алјеин тврди дека една од украинските единици е „Рускиот доброволен корпус“ (РДК), составен од руски државјани кои се противат на Путин.
Руски официјални платформи го потврдиле нападот, но најпрво рекле дека бил одбиен. Потоа, објавена е евакуација на цивили од Демидовка и околните села.