Воената парада во Атина по повод националниот празник на Грција прерасна во дипломатски инцидент, откако дел од војниците скандираа слогани навредливи за Турција.
Според сведоци, припадници на грчката армија извикувале „Кипар е грчки“ и „Ф*к Турција“ пред толпата, што вклучувала и малолетни деца. Видеата од парадата брзо се проширија на социјалните мрежи, предизвикувајќи лавина реакции и осуди.
Турската амбасада во Атина, која претходно испрати честитки до Грција за националниот ден, сè уште нема официјално реагирано, но експертите предупредуваат дека овој инцидент може да ги наруши напорите за подобрување на односите меѓу двете земји.
Грчката опозициска партија СИРИЗА веднаш го осуди настанот, барајќи одговорност од властите и оценувајќи ги слоганите како „неприфатливи и историски неточни“. Во нивното соопштение се наведува дека Министерството за одбрана мора да отвори истрага и да ги санкционира одговорните.
Иако парадата традиционално е симбол на национална гордост, оваа година таа отвори ново поглавје на тензии меѓу Атина и Анкара. Останува да се види дали грчките власти ќе преземат мерки или инцидентот ќе остане без последици.