ПРВ.мк

“Летај, свири и дојди ни во сон” – Комеморација за трагично починатиот Филип Стевановски

“Летај, свири и дојди ни во сон” – Комеморација за трагично починатиот Филип Стевановски
Jumbo Banner

Музичарот Филип Стевановски од Куманово и член на бендот на „ДНК“, е за жал еден од загинатите во големата трагедија во Кочани, во пожарот во дискотеката Пулс каде бендот кобната ноќ имаше настап.

Стевановски беше продуцент, пијанист, тромбонист и композитор, магистар по џез науки, а вработен беше како професор во Државниот музички училишен центар (ДМУЦ) „Сергеј Михајлов“ – Штип.

Филип Стевановски беше неодамна назначен и за директор на Центарот за култура во Штип.

Во петок (28.03.2025 год) со почеток од 12:00 часот во Народен театар – Штип во заедничка организација на НУЦК “Ацо Шопов” Штип и ДМУЦ ,,Сергеј Михајлов” – Штип ќе се одржи комеморација во негова чест. 

– „Со длабока тага и неверување ја споделуваме веста дека нашиот раководител Филип Стевановски трагично го загуби животот во несреќниот настан во Кочани. Иако беше со нас неполни два месеци, неговата посветеност, професионалност и човечност оставија неизбришлива трага во нашиот тим. Изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, пријателите и сите кои го познаваа. Нека почива во мир“, напишаа од Центарот за култура во Штип по неговата трагична смрт.

Ирена, сопругата на Филип Стевановски, кој беше член на ДНК и го загуби животот во несреќата во Кочани, со зборови кои кинат срце се прости од него по трагедијата.

-Среќо моја, Филип мој! Њоњче мое, ме остави со најголема празнина која не се опишува. Ми остави најголем спомен кој ќе го чувам и ќе се борам како најголема лавица. Знам дека ќе не’ чуваш и ќе ни дадеш сила да продолжиме по овој пат кој ќе биде претежок за нас. Твојата светлина беше преголема за овој тажен свет. Свети и сега како најсилна ѕвезда која ќе ја гледаме секогаш и ќе знаеме дека не’ чуваш од небото! Лора беше твоето се’ , музиката твојот живот, а јас твоето њоњче и ветерот во грб за да достигнеш се’ што имаше замислено. Последниот наш настап беше толку радосен и толку многу се смеевме, правеше се’ за да сите бидеме среќни и насмеани. Вечно ќе те паметиме по твојата голема душа, твојата насмевка што Лоричка ја носи, а јас во таа насмевка ќе те гледам тебе, мил мој. Мојот живот без тебе веќе е тажен, претажен, но се’ што сме сакале Лора да успее ветувам дека ќе го направам, а знам дека ти ќе ми помогнеш од зад облаците! Летај, свири и дојди ни понекогаш во сон да се прегрнеме најсилно како што ти знаеше да прегрнеш, напиша неговата сопруга Ирена.

Денеска пак, со почеток во 13 часот, ќе биде одржана комеморација за Сара Пројковска-Николовска, во концертната сала на Факултетот за музичка уметност – Скопје, каде Сара беше професорка по пијано. Придружниот вокал на ДНК исто така загина кобната вечер заедно со уште 58 лица.

Околу 200 лица се повредени и се на лекување во земјава, регионот и странство.

Agria
Stenton
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран