Министерството за спорт, под генералното покровителство на министерот Борко Ристовски, и годинава го поддржува Виз ер Скопскиот маратон, една од најреномираните спортски манифестации во Македонија. На денешната прес-конференција, министерот Ристовски истакна дека Владата и Министерството секогаш ќе застанат зад вакви настани кои промовираат спорт, здрав дух и вистински вредности, а истовремено ја претставуваат Македонија во најдобро светло.

„Драго ми е што оваа традиционална манифестација се сфати од државата многу посериозно, не само преку финансиска и организациска поддршка, туку и со целата потребна поддршка за успешно реализирање. Овој настан е гордост за сите граѓани и е симбол на здрав дух, енергија и спортски вредности“, нагласи министерот Ристовски.

Оваа година Скопје ќе биде домаќин на рекорден број учесници – повеќе од 14.000 натпреварувачи од 58 земји ширум светот, што е историски рекорд за најголемиот спортски настан во државата. Најмасовна останува трката на 5 километри со околу 10.300 учесници, при што третпат по ред доминираат жени – нешто што претходно не било забележано. Во рамките на изданието ќе се одржи и Балканско и Национално првенство во маратон, што дополнително ја зголемува важноста и престижот на настанот.
Директорот на Виз ер Скопски маратон, Кире Синадиновски, истакна дека 21. издание е посебно поради рекордниот интерес и фактот што манифестацијата прераснува во еден од најголемите спортски настани во регионот. Јубилејниот маратон ветува незаборавно искуство, претворајќи го Скопје во вистински спортски центар, обединувајќи ги натпреварувачите, навивачите и граѓаните во единствена маратонска магија.
Министерот Борко Ристовски потенцира дека Владата и Министерството за спорт ќе продолжат да поддржуваат вакви настани, кои ја промовираат Македонија, го поттикнуваат туризмот, ја зголемуваат меѓународната видливост на државата и инспирираат илјадници млади луѓе да се занимаваат со спорт и да градат здрави навики.