Одбојкарите на Штип УГД продолжуваат со одличните настапи и третпат по ред ќе играат во финалето на Купот на Македонија.
Во полуфиналниот натпревар од завршниот турнир во спортскиот центар Јане Сандански во Скопје, штипјани доминираа и со убедливи 3-0 во сетови (25-17, 25-18, 25-12) ја совладаа екипата на Струмица.
Во финалето ќе се соочат со Борец, кој во второто полуфинале беше поуспешен од Работнички Волеј, исто така со максимални 3-0 (25-19, 25-14, 26-24).
Екипата од Велес беше сигурна во првите два сета, додека во третиот направи пресврт откако губеше со 16-20, за на крај да го добие сетот на разлика и да го потврди пласманот во финалето.
Големото финале од одбојкарскиот Куп на Македонија ќе се одигра во сабота со почеток од 19:30 часот.


















