Загадувањето на воздухот во Скопје бележи значителен раст, а податоците од официјалните мерни станици покажуваат дека концентрациите на ПМ10 честичките во повеќе делови од градот се речиси двојно повисоки во споредба со почетокот на октомври.
Според мерењата на Министерството за животна средина и просторно планирање, на 7 октомври највисока часовна концентрација на ПМ10 била регистрирана кај мерната станица Ректорат, каде вредноста достигнала 130,07 микрограми на кубен метар.
Раст на загадувањето е забележан и во повеќе други населби.
Во Гази Баба дневниот просек на ПМ10 честички од 18,4 микрограми на кубен метар на почетокот на месецот пораснал на 37,7 микрограми.
Во Карпош просечната дневна вредност од околу 32 микрограми се искачила на повеќе од 50, додека во Миладиновци концентрацијата се зголемила од 11,5 на 31,3 микрограми на кубен метар.
Значително зголемување е забележано и во Центар и Лисиче.
Кај максималните часовни вредности, покрај Ректорат, во Карпош биле измерени до 85,1 микрограми ПМ10 на кубен метар, во Центар 69,3, во Лисиче 68,8, а во Гази Баба 61 микрограм.
Кај уште поситните ПМ2.5 честички, највисока вредност била регистрирана во Гази Баба – 49,2 микрограми на кубен метар, додека во Карпош биле измерени 40,2 микрограми.
Платформата IQAir во текот на денот го прикажувала Скопје претежно во умерено загадената зона.
Највисоки локални индекси биле регистрирани во околината на Железара, со индекс 124, потоа во Карпош и Влае со 97 и 94, додека во Мичурин индексот изнесувал 86.
Подобри вредности биле забележани на дел од мерните точки во Гази Баба и Ново Лисиче.
Последните мерења покажуваат дека квалитетот на воздухот во Скопје повторно се влошува со почетокот на есента, со изразен раст на концентрациите на ПМ честичките во повеќе делови од градот.









