ПРВ.мк
Скопје

ПОСЕБЕН РЕЖИМ НА СООБРАЌАЈ: Утре попладне затворања по главните булевари поради Парадата на гордоста!

ПОСЕБЕН РЕЖИМ НА СООБРАЌАЈ: Утре попладне затворања по главните булевари поради Парадата на гордоста!

Скопје утре ќе биде под посебен сообраќаен режим поради одржувањето на Парадата на гордоста „Скопје Прајд 2026“, која оваа година ќе се одржи под слоганот „Сите нека знаат“.

Настанот претставува протестен марш посветен на човековите права, еднаквоста и достоинствениот живот на ЛГБТИК+ заедницата во Македонија. Организаторите најавуваат пораки за видливост, солидарност и спротивставување на дискриминацијата во време на засилени општествени и политички предизвици.

Собирот на учесниците е закажан за 18 часот кај Фонтаната „Лотус“ во Градскиот парк, додека протестниот марш ќе започне во 19 часот.

Поради движењето на колоната, Министерството за внатрешни работи најави посебен режим на сообраќај и привремени ограничувања на повеќе фреквентни сообраќајници во главниот град.

Маршот ќе се движи од Градски парк по булеварот „Илинден“, потоа по улицата „Франклин Рузвелт“, ќе продолжи по булеварот „Партизански одреди“, по улицата „Васил Главинов“, ќе помине низ улицата „Димитрие Чуповски“, а ќе заврши во Паркот „Жена Борец“ на улицата „11 Октомври“.

Од СВР Скопје информираат дека полициски службеници ќе бидат распоредени долж трасата за регулирање на сообраќајот и безбедно одвивање на настанот.

Надлежните апелираат до граѓаните навреме да ги планираат своите движења низ градот, да користат алтернативни правци и да ги почитуваат насоките и наредбите на полициските службеници на терен.

Се очекуваат повремени застои и пренасочувања на сообраќајот во централното градско подрачје и по дел од главните булевари во периодот од доцните попладневни до вечерните часови.