Општина Аеродром и оваа година продолжува со мерката за финансиска поддршка на најмладите ученици, со која секое дете запишано во прво одделение добива еднократна парична помош во износ од 3.500 денари.
Оваа поддршка е наменета за семејствата чии деца ќе се запишат во основните училишта на територијата на општината, со цел да се олеснат трошоците на почетокот од новата учебна година и да се поттикне образованието кај најмладите.
Пријавувањето за оваа мерка ќе трае од 15 јуни (понеделник) до 30 септември 2026 година, а родителите или старателите треба навреме да ја поднесат потребната документација во архивата на општината.
За остварување на правото на парична помош потребно е да се достават неколку документи, меѓу кои потврда за запишан ученик во прво одделение заверена од основното училиште во Општина Аеродром или од училиште со ресурсен центар, фотокопија од извод од матичната книга на родените, копија од лична карта или патна исправа на барателот со адреса на живеење во општината, како и фотокопија од трансакциска сметка.
Дополнително, образецот за пријава и изјавата за согласност за обработка на лични податоци се достапни на официјалната веб-страница на општината.
Од Општина Аеродром порачуваат дека оваа мерка е дел од континуираната поддршка на семејствата и им посакуваат на сите идни првачиња успешен почеток на училишниот живот, исполнет со знаење, пријателства и убави спомени.










