Од 1 април 2026 година, во општината Аеродром започнува нов систем на зонско паркирање, информираат граѓаните преку неформалната група на Фејсбук „Општина Аеродром – Граѓанска патрола“.
Според новите правила, сите станари, како и физички и правни лица со издадена дозвола, ќе можат да паркираат исклучиво во зоната за која имаат дозвола. Станарите ќе добијат две бесплатни дозволи за станарски возила, додека право на паркирање ќе имаат и вработените во компании кои работат во зоната, како и други заинтересирани корисници.
За сите останати граѓани, цената за паркирање ќе изнесува 25 денари за час, појаснува градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој го посети последниот паркинг што беше трансформиран во зонски, односно Реонски центар. Слична примена се најавува и за паркинзите во Ново Лисиче.
Реакции од граѓаните
Воведувањето на зонската наплата предизвика реакции од дел од жителите на Аеродром. Тие се прашуваат зошто системот е така организиран, особено кога станува збор за посети на трговски центри, амбуланти или училишта.
„Направете една зона за цел Аеродром и за сите граѓани. Ова е премногу ограничувачко – ако од Мичурин одиме на пазарче, мора да платиме, ако од Ново Лисиче одиме во амбуланта – исто така. Дури и за училишта или курсеви треба да плаќаме“, пишува една граѓанка.
Друг граѓанин додава: „Очигледно е дека ова е само за пари. Им требаат приходи, нема крај…“
Исто така, дел од жителите се сомневаат во легитимноста на спроведената анкета на која, како што се тврди, се базирало воведувањето на зонскиот систем. Една од станарките прашува: „Дали анкетираните жители навистина биле известени за мерката? Дали анкети било спроведено, и на кој начин?“
Со оваа промена, Општина Аеродром ја започнува примената на систем кој има за цел редење и контрола на паркирањето, но предизвикува дебата меѓу граѓаните за неговата оправданост и транспарентност.



















