Од 4 април, ЈСП „Скопје“ воведува нов возен ред на дел од автобуските линии, со цел подобрување на организацијата и ефикасноста на јавниот превоз и усогласување со интегрираниот тарифен систем. Деталите за измените ќе бидат објавени на официјалната веб-страница на претпријатието.
Сепак, прашањето останува дали ова ќе им ги реши секојдневните проблеми на студентите и младите кои зависат од автобусите за да стигнат на факултет, работа или дома. Анкетата на Трн, спроведена меѓу 914 млади во јануари, покажала дека дури 91,2% не се или се само делумно задоволни од јавниот превоз, додека само 8,9% сметаат дека тој целосно ги задоволува нивните потреби.
Проблемите што младите ги посочуваат се разнородни – доцнења, гужви, недоволниот капацитет на автобусите, непочитување на возниот ред, старите и валкани возила, како и административни пречки при продолжување на бесплатните картички за студенти. Особено загрижувачки се ноќните линии – околу 60% сметаат дека речиси и да нема ноќен превоз, а повеќе од една третина оценуваат дека тој е недоволен.
Новите промени можат да бидат добредојден чекор, но сами по себе нема да бидат доволни ако не се подобри редовноста, фреквенцијата, капацитетот и ноќниот превоз. Кога 9 од 10 млади велат дека јавниот превоз не им функционира, станува јасно дека проблемот е системски и директно влијае на пристапот до образование, работа и секојдневниот живот.









