Жителката на скопската населба Карпош, Марија Михајлова, преку јавна објава на социјалните мрежи упати сериозен апел и предупредување до јавноста и надлежните институции поради секојдневното вознемирување и опасностите предизвикани од неконтролираните детонации на петарди што ги фрлаат малолетници во населбата.
Според нејзините наводи, проблемот трае веќе цела недела, при што групи малолетници постојано палат пиротехнички средства за кои постои сомневање дека се набавени без никаква контрола од пазарите, создавајќи атмосфера на страв и немир кај локалното население. Таа нагласува дека жителите се изложени на секојдневни силни детонации кои особено тешко ги погодуваат најранливите категории во населбата, како што се малите деца, повозрасните лица и домашните миленици, кои претрпуваат вистински стрес.

Постаувајќи прашања за тоа кој ја дозволува неконтролираната продажба на пиротехника на малолетни лица и каде се наоѓаат надлежните инспекциски и безбедносни служби, Михајлова предупредува на неопходноста од итна реакција пред да дојде до несакана и полоша трагедија. Со пораката дека петардите не се безопасни играчки, таа апелира и до родителите да посветат поголемо внимание на однесувањето на своите деца, со цел навремена превенција и зачувување на јавниот ред, мир и безбедност во населбата.










