Градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, најави дека општините и Градот Скопје ќе учествуваат финансиски во проширувањето на системот „Безбеден град“ со цел да се зголеми опфатот на камерите и да се обезбедат побезбедни маала, јавни објекти, училишта и градинки.
– Доколку Министерството за внатрешни работи нема можност да издвои средства за проширување на системот, ние како општини и Градот Скопје ќе помогнеме финансиски за целиот процес, изјави Ѓорѓиевски во ТВ Сител.
Тој појасни дека ова веќе е разгледано со министерот Панче Тошковски, но сè уште не е утврдена точна рамка за реализација.
– Градот Скопје повторно воспоставува пракса да заседава со координативното тело со останатите скопски градоначалници. Интерес има кај сите. Ова значи побезбедни маала и јавни објекти, но и систем кој ќе спречи повторување на инвестициите и ќе овозможи парите на граѓаните да се користат рационално, објасни Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека 30 години се зборува за создавање систем и дека сите граѓани треба да се придржуваат до законите еднакво.
– Свесен сум дека многумина ќе бидат засегнати, но недостасува ред. Подготвен сум, ако треба, и политичка цена да платам, но некој мора да воспостави ред, додаде градоначалникот.
На прашање дали добил предупредување од системот „Безбеден град“, Ѓорѓиевски рече дека внимателно вози и ги почитува правилата, нагласувајќи дека засега нема примено казни и се надева дека нема да има ниту во иднина.

















