ПРВ.мк
Скопје

Ноќни патроли во трка со дивите фрлачи на ѓубре - погледнете на што треба да внимавате

Ноќни патроли во трка со дивите фрлачи на ѓубре - погледнете на што треба да внимавате
Kristal

Од утре стапува во сила новата одлука на Град Скопје со која строго се забранува фрлање комунален отпад во периодот од 22:00 до 06:00 часот, а инспекторите ќе бидат на терен и по полноќ за да ги фатат прекршителите на дело.

Градските власти целосно ја менуваат организацијата на инспекциските служби. Според информациите на Сител, веднаш по официјалното објавување на одлуката, сите инспектори добиваат поинтензивен распоред и ќе работат во три смени.

Во контролите ќе бидат вклучени:

  • 40 инспектори на Град Скопје
  • 11 комунални инспектори
  • 10 комунални редари

Сите ќе бидат распоредени за засилена контрола на терен. Прекршоците ќе се утврдуваат веднаш, а доколку се забележи отпад од поголем обем или од тип што не припаѓа на домаќинствата, ќе следи подетална проверка на правните лица.

Новата забрана предвидува казни од:

  • 50 евра за граѓаните
  • 1.300 до 1.800 евра за правни лица, со можност за уште повисоки казни во зависност од видот на отпадот

Мерката ќе се применува пробно и може да биде изменета, нагласуваат од новото раководство на „Комунална хигиена“. Целта е да се воведе ред, да се спречи фирмите и угостителите да ги преполнуваат контејнерите за домаќинствата и да се овозможи поефикасно собирање на отпадот.

Претпријатието моментално располага со 40 функционални возила за празнење контејнери, но за нормално работење потребни се уште најмалку 20. Дополнително, се соочуваат со хроничен недостиг на оперативци.

Практиката со строги временски ограничувања одамна функционира во речиси сите европски метрополи. Во Берлин, Виена и Копенхаген важи забрана од 22 до 06 часот, во Париз отпад смее да се изнесе само два часа пред собирањето, а во Лондон тоа е дозволено само во утринските и вечерните интервали. Во некои градови отпадот се фрла исклучиво наутро, непосредно пред пристигнување на камионот.

Escape