Општина Ѓорче Петров воведува финансиска помош за младите кои се подготвуваат за полагање возачки испит од Б категорија, обезбедувајќи субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците. Мерката се однесува на лица на возраст од 18 до 25 години и има за цел да им олесни во процесот на стекнување возачка дозвола.
Одлуката е донесена од Советот на општината, а според градоначалникот Александар Стојкоски, станува збор за исполнување на предизборно ветување и конкретна инвестиција во младата популација.
Тој нагласува дека оваа мерка не претставува само финансиска помош, туку и вложување во самостојноста, мобилноста и иднината на младите луѓе. Според него, во услови кога секој трошок претставува товар за семејниот буџет, ваквата поддршка има реално значење.
Од општината порачуваат дека ќе продолжат со политики насочени кон директна помош и конкретни мерки кои, како што велат, носат вистинска грижа и поддршка за граѓаните, особено за младите генерации кои се на почетокот на својата самостојност.


















