По повеќе од една деценија судски битки и бројни пресврти, Општинскиот граѓански суд во Загреб донел нова неправосилна одлука во еден од најпознатите семејни спорови во регионот – случајот меѓу пејачката Северина Вучковиќ и бизнисменот Милан Поповиќ.
Според информациите објавени од хрватските медиуми, судот одлучил 14-годишниот Александар да живее со својата мајка, додека истовремено ќе има регулиран и редовен контакт со својот татко.
Одлуката ја потврдила и адвокатката на Северина, Јасминка Билош, која поради чувствителноста на случајот не открила дополнителни детали за постапката и образложението на судот.
Со оваа пресуда, момчето ќе има примарно живеалиште кај својата мајка, а односот со таткото ќе се одвива според судски утврдени правила и распоред.
Судскиот процес меѓу Северина и Поповиќ трае од 2013 година и во текот на годините беше обележан со повеќе одлуки, жалби и целосни пресврти во однос на старателството.
Во еден период беше воспоставена заедничка родителска грижа, со наизменично живеење на детето кај двајцата родители, но подоцнежните судски одлуки повторно го менуваа тој распоред.
Почетокот на 2024 година донесе нов пресврт кога Врховниот суд ја поништи претходната одлука на Сплитскиот окружен суд поради утврдени процедурални пропусти и го врати предметот на повторно одлучување.
Случајот со години е под силно медиумско внимание во целиот регион, а и понатаму останува еден од најкоментираните и најследените семејни правни спорови.









